Винаријата Тристо се наоѓа на прекрасна локација во близина на Велес, поточно во атарот на село Сујаклари. Оваа мала семејна винарија произведува одлично вино во мали количини или како што тие велат “за своја душа„. Виното го произведуваат единствено од сопствени лозови насади. Нивната палета е составена од три вина и тоа: шардоне, розе (пино ноар) и каберне совињон. Инаку е можеби еднинствената македонска винарија која вади младо вино или како што французите го нарекуваат “божоле нуво„.
Јас ќе се фокусирам на каберне совињонот од 2006 кој одлежал најмалку една година во дабови буриња, па потоа уште два години во винаријата во шише и на крај уште 2 години кај мене во визба.
Виното еден ден пред отворање го ставив во исправена положба бидејќи забележав мала количина на седимент во шишето. По отворањето го декантирав, но не долго, туку само го преточив во декантер да дојде малку во контакт со воздух.
Виното беше во извонредно добра состојба. Темно црвена боја во која почнуваат да се приметуваат нијанси на “цигла„ поради зреењето. Прекрасен мирис на суви сливи, капини, боровинки и суптилни зачински тонови. На вкус џем од црни и црвен бобинки, зачинет со цимет и чад. Послевкусот средно долг кој ги задрчува овошните тонови но со нагласен чад. Солидно вино кое мислам дека го има достигнато врвот во моментов и дека со понатамошно зреење нема да добива на квалитет. Според мене ова вино би одело одлично со печено прасечко.
Tristo Cabernet Sauvignon 2006
No comments:
Post a Comment