Бела вода е купажа од сортите плавец и вранец, интересна и необична комбинација која функционира сосема солидно.
Еве ги моите забелешки за Тиквеш Бела вода берба 2009:
Прекрасен и комплексен нос. Црна рибизла, вишна, слатко од капини, каранфилче се испреплатуваат во прекрасното буке на ова вино.
На јазик е меко и нежно, суптилна нота на кафе и ванила се проткајува низ доминатните суви овошки. Средно тело кое не е толку интензивно како што ветуваше на мирис. Има интересна свежа нота која не е карактеристична за македонските вина и е пријатно изненадување.
Финишот е средно долг со вкус на суви сливи, дренки и вишни.
Виното има солидна танинска структура и по мое мислење со правилно одлежување од една до две години ќе го подобри својот кавалитет.
Солидна изведба и јас го подржувам правецот во кој тргнал Тиквеш. Купажата може да даде солидни резултати кај нас, поготово на домашниот вранец со интернационални, но и локални сорти. Сепак цената од 590 денари е малку превисока во односот на квалитетот, според мене реалната цена е под 450 денари. Можеби за високата цена придонесува тоа што се работи за лимитирана серија од 7500 шишиња, но за цена од окулу 10 евра имате голем избор на квалитетни вина.
Кога ќе се додаде и одземе се мислам дека ова е еден нов чекор за македонските вина кој се надевам ќе даде успех, како на македонскот пазар така и низ светот. Вино кое вреди да се проба, интересно, ново искуство за македоските конзументи.
No comments:
Post a Comment