Започнавме со Бовин Дарон 2003, купажа од Каберне, Мерло и Вранец, перфектно зреено кај мене во визба во одлични услови.
На мирис полно со суво овошје, сливи, боровинки и интересна нота на кафе, која продолжува да се чувствува и на вкус. Одлично очувано вино иако 9 години старо.
Продолживме се ѕвездата на вечерта Дудин Акрато Барик Мерло 2006.
Уште на мирис ви открива дека се работи за извонредно и префинето вино на кое треба да му се посвети внимание. Аромата на даб помешана со црни и црвени овошки зачинета со малку суво грозје и сува смоква, перверзија. Полно тело и вкусови експлодираат во устата, а финишот е долг и фантастичен.
За крај отворивме едно Кјанти на Санта Кристина од 2008.
Виното е сеуште свежо и се чуствуваат ароми на цреша и јагода. На вкус е исто така овошно, но со изразени танини, земјест вкус и во финишот интересни зачини кои остануваат подолго и потсетуваат како да сте лижнале кожна ракавица.
На крајот завршивме со по една пура Партагас Де Лукс која легна извонредно со Кјантито.
Морам да ви кажам дека доколку било кое од овие вина ги купите денес од маркет или било која продавница и го немаат сето она што јас го опишав, немојте да ме обвинувате мене. Тоа се должи на зреењето во мојата визба која има скоро идеални услови во текот на целата година, лето до 18 степени и во зима до 10 степени, што му дозволува на виното да созрева постепено и обично се добиваат извонредни резултати. Во маркетите температурата се движи помеѓу 20 и 30 степени што воопшто не е добро за виното и неговото зреење.
И немојте да заборавите, пијте малку, но пијте квалитетно!
Fine Wine Night (Bovin, Dudin & Santa Christina)