Tuesday, March 27, 2012

Потрага по совршена Шкембе чорба (Ресторан Скопски Мерак)

Локацијата на ресторанот Скопски Мерак е во познатотот скопско Дебар Маало, веднаш позади ОУ Коле Неделковски. Терасата е одлична, убаво средена, келнерите љубезни и брзи (нормално утро е, незнам какви се навечер). Чорбата послужена со тазе домашно лепче, оцет со лук, павлака и чаша ладна вода.
DSC00005
Чорбата мириса одлично. Текстурата и е повеќе супеста отколку чорбеста и веднаш се приметува недостаток на зарзават. Вкусот добар, шкембето кремасто, убаво сварено. Ви останува во уста некој чуден aftertaste што мислам дека е баш последица на недовлоно зачини и зеленчук во чорбата. Во позадина се слуша детскиот џагор од училиштето, во ресторанот некоја од оние боса нова преработки на рок песни, а и утринско пролетно сонце функционира одлично со чорбата. Иако според напишаното изгледа дека чорбата не ми се допадна, баш е спротивното, чорбата е добра, солидна. Поради одличната локација на ресторанот и убавата тераса ја препорачувам.
Шкембе оцена: 7 од 10.
Потрага по совршена Шкембе чорба (Ресторан Скопски Мерак)

Нома на точка на вриење (Noma at Boiling point)

Документарец за најдобриот ресторант во светот чии сопственик и главен кувар е Рене Реџепи кој потекнува од Македонија. Интересна приказна која ви овозможува да видите колку е суров, напорен, тежок патот до успехот и да видите како професионалното однесување на една куварска екипа може да донесе еден ресторан на врвот на светот.
Уживајте.
 
Нома на точка на вриење (Noma at Boiling point)

Потрага по совршена Шкембе чорба (Ресторан Дојрана)

Потрагата продолжува, на ред ресторанот Дојрана кој се наоѓа во населбата Керамидница. Ресторанот не е на некоја атрактивна локација, но кога и да појдам секогаш е полн што е добар знак за еден ресторан. Сонце, мириса на пролет, птиците пеат, разеленува природата, девет часот наутро, време е за Шкембе чорба.
DSC00003
Послужена со тазе печено домашно лепче, лук во маслиново масло и чаша ладна вода. Чорбата мириса извонредно, има одлична кашаста конзистенција, доволно зарзават и изгледа примамливо. Вкусна, полна чорба, која воопшто не е тешка, има освежувачка нота поради зеленчукот кој го има во неа. Лепчето е „меко како душа“ макнуваш во чорбата, ги впива вкусовите, совршено. Недостаток е тоа што шкембето е исецкано во поголеми парчиња, мислам навистина големи парчиња, но и тоа не е некој проблем бидејќи е совршено сварено и можете со лажицата да го „пресечете“. Повторно не сум сигурен дека шкембето е свежо т.е. несмрзнато, но и без тоа оваа чорба е една од подобрите кои сум ги вкусил.
Се не се одлична чорба, убав амбиент на терасата од ресторанот, одлична услуга и најважно од се, одлична шкембе чорба.
Шкембе оценка: 8,5 од 10,
Одлична е шкембе чорбата во Дојрана, ја препорачувам. Но потрагата продолжува понатаму.
Потрага по совршена Шкембе чорба (Ресторан Дојрана)

Friday, March 23, 2012

Потрага по совршена Шкембе чорба (Хотел Бристол)

По многу препирки и натегања каде има најдобра шкембе чорба во Скопје, решив да тргнам во потрага, без никакви предрасуди и субјективно да ја најдам, мојата совршена шкембе чорба.
Потрагата решив да ја започнам во култниот скопски хотел Бристол.
Терасата покрај калдрмата на ул. Македонија со поглед кон старата железничка станица, под убав стар орев е можеби една од најубавите тераси во градот, но за жал слабо посетувана. Веднаш по масите и чаршавите се чуствувате како да сте се вратиле негде на почетокот на деведесттите. Конобарот скоцкан со лептир машна ве пречекува и сместува, несоодветно љубезно за денешни услови, ве прашува за вашата желба и извонредно брзо шкембе чорбата беше послужена на мојата маса. И повторно како да патувате со временска машина, сервисот, приборот, дури и парчињата леб како да се од деведесеттите.
DSC00001
Чорбата солидна. Не е класична густа чорба, некако во средина помеѓу супеста и чорбеста. Шкембето беше убаво сварено и исецкано со убава текстура, не не бев баш убеден дека е свежо шкембето. Свежо мислам на несмрзнанувано шкембе кое потешко се наоѓа во денешно време, но тоа е еден од основните мои услови за совршена шкембе чорба. Јас мојата чорба ја љубам со оцет и лук, придружена со тазе подготвен домашен леб.
Значи да заклучам во Бристол чорбата е солидна, но е далеку од совршена. Има неколку основни недостатоци, но мислам дека сепак е доживување да се седне на терасата рано наутро и да се пропатува малку назад низ времето.
Шкембе оценка: 6 од 10.
Потрага по совршена Шкембе чорба (Хотел Бристол)

Friday, March 2, 2012

Мексикански појадок

Прекрасен и лесен рецепт за старт на денот. Можеби повеќе одговара за во сабота наутро, заедено со вашиот партнер/ка, пролет надвор, пријатна музика… мх, мх мх. Имајте на ум, па изнанадете некого.
Еве ви го рецептот:
1 јајце
2 тортиљи
1 парче сланина
1-2 лажички пире од црн грав (пире од црн грав)
1 лажица Мексиканска салца (Мексиканска салца)
малку рендан кашкавал
сол и бибер.

Мексикански појадок
Рецептот и видеото се превземени од еден од моите омилени блогови за храна http://www.talerka.ru
Пријатен појадок :)